header image
 

КАФЕЗ

Имав полн кафез скапоцени птици. Сакав да имго покажам кафезот на пријателите, да им ги наполнам очите со завидливи клетви. Успеав да ја позеленам комшивката од завист со прекрасната песна на птиците од кафезот.

И пак не ми беше доволно. Се стрчав да ја споделам сликата на завидливи соседи со моите најблиски. Паднав. Се отвори кафезот и птиците одлетаа.

*Приказнава е украдена од вистински настан кој го спопадна едно вистински мало 5 годишно девојче од населба Карпош во 17и30 часот на 31 Август 2011.

ЗЕЛЕН ЧАЈ

Ако сме свесни дека полека ама сигурно умираме, зошто упорно пиеме зелен чај?

Се навлеков на вкусот како мало циганче на лепак. Се навлеков свесно. По свесно навлекување нема одвикнување, затоа што си целосно влезен со сите сетила во навиката. Тоа се обидувам да им го објаснам на моите тетки кои се обидуваат без успех (веќе 20 години) да ме одвикнат од цигарите. Од цигарите сам се одвикнав  пред десет години и заборавив да им кажам на моите тетки. Не можам да им ја одземам единствената опсесија – моето здравје. Не им кажувам ни дека сум се навлекол на зелен чај. Ако им кажам, ќе треба да им објаснам дека не сум повеќе со тебе.

Зошто ти кога знаеш дека полека (а можеби и побрзо) ама сигурно еден ден ќе те нема, не ризикуваш да бидеш со мене?

СТРАВ ОД ЧИТАЊЕ

Пишувам. Никогаш не се враќам да го прочитам напишаното. Знам да читам, а не читам. Знам да возам и не возам. Знам да шијам и не шијам. Знам да правам многу работи и не ги правам. Од каде знам дека не сум заборавила како се прават сите тие работи? Експерт сум за сите нив и им укажувам на другите кога грешат дур ги прават сите тие работи.

Стравот од читање ми е од дамна. Од денот кога прочитав нешто што јас сум го напишала, потпишано од друго лице. Не се сеќавам на името (страв ми е да се сетам). Не ме бидува со имиња. Само можам да се сетам на лошиот вкус во мојата уста кога ги прочита моите мисли со туѓо име потпишани. Затоа повеќе не читам. Само пишувам. И да се случи некој да го напише истото, ќе знае светот дека јас не сум го препишала тоа од писателот, туку едноставно сме помислиле на истото и двајцата.

Знам дека ако пишувам и не се враќам да го прочитам напишаното, ќе ги изоставам правописните грешки. Но тие се мојот единствен потпис. Единствен белег дека навистина јас сум го напишала тоа.

Како да заштитам совршено уникатна идеја? Никогаш да не ја раскажам? Да ја премолчам и чувам само за себе. Јас имам многу лошо памтење (не памтам ништо) и веднаш ќе ја заборавам, морам некако да ја напишам. Знам неколку странски јазици и можам да ја напишам така. Но, што ако ја пронајде некој што ги знае тие јазици и си ја присвои? Треба да ја закопам некаде длабоко, но ќе заборавам каде е. Се откажувам.

Ќе ја напишам и нека ја потпише некој без срам.

СЛУЧАЈНИ НАМЕРНОСТИ

Сигурно ова што ќе го прочитате подолу, ќе се сетите дека некој друг од друго време, простор го напишал, ама не  е така. Јас читам многу, гледам многу слушам многу и страдам од страв дека ќе напишам нешто што е веке кажано, од некого, напишано или покажано. Доколку тоа е така тоа би била случајна намерност. Едноставно е.

Низ историјата се случиле безброј такви намерности (случајни). Истовремено двајца автори, едниот анонимен, другиот познат. И овој првиов баксуз не го предал ракописот на време, за по две три недели да го види истиот раскажан момент во илјада примероци со туѓ потпис. Анонимните се секогаш баксуз.

Пред два месеци сечев јаболко во мојата соба. Ножот го оставив на маса и заедно со лушпите, несакајќи, случајна намерност нели, со прекривката за еднократна употреба, го фрлив во ѓубре. Да биде случајноста уште поголема, истиот нож го видов на вести во пластична ќеса како доказ за убиство на некој познат бизнисмен. Среќа што се гадам да допирам куњски прибор со гола рака и кога сечам нешто секогаш ножевите ги превиткувам во крпа, повторно случајна намерност.

Мојата ќеса со ѓубре, откако ја однесов надвор пред врата, ја пронашло некое куче кое сета содржина ја разнело на околниот паркинг. Пред да се стемни, директор на познато претпријатие ја одвел секретарката на паркингот и се обидел да ја силува, бегајќи (кутрата) паднала и при рака и се нашол мојот нож, случајна намерност.

Дополнување на оригиналната случајна намерност: Погоре напишаното завршуваше со приказната за секретарката (не директорот), но пред да го внесам овде доживеав сето горе напишано да ми го раскаже еден братучед на далечен пријател со кого случајно се сретнав на кафе, анонимец. Ова го допишав само како интересен додаток на мојата дефиниција за случајна намерност.

ЧЕТИРИ НАСТАНИ ВО ТРИ МИНУТИ НА ЕДНО МЕСТО

НАСТАН СО ЉУБОВНИЦИ: Не ја погледна, само и ја грабна раката и почна да ја влече кон излезот од станицата. Мало расплакано девојче го избутка до крајот од вратата и ги раздели. Се обиде повторно да ја побара нејзината рака но таа одамна истрча по возот и мафташе од него. Неговото срце повеќе не чука исто. Падна пред расплаканото девојче.

НАСТАН СО ЦРВЕНА ПАНДЕЛКА: Мора да замине далеку од своите браќа. Не и е јасно зошто мама ја носи далеку од нив. Не чувствува голема тага, а сака да покаже дека е тажна, солзите тешко и доаѓаат. Се измолкна до фонтаната и го намоки лицето со вода. Со расплакана гримаса и очи полни со вода се втурна во нечии раце. Не може да види ништо пред себе, водата и го замати патот. Го слушна своето име од гласот на мама измешан со некаков остар звук. Ги отвори очите и ја отпоздрави неподвижно тело пред нејзините мали кондури.

НАСТАН СО ЗЕЛЕН КАПУТ: Намерно го облече капутот, за полесно да ја пронајде во толпата на станицата. Не му требаше долго за да ја најде. Ја грабна раката и почна да ја влече со сила кон излезот. Мало човече со црвена панделка се протна меѓу нив. Се ослободи од него и потрча кон првиот воз што се движи. Не знае каде оди, само се сврте да му мафне за збогум. Неговото тело исчезна во толпата.

НАСТАН СО НЕСРЕЌЕН КРАЈ: Во возот имаше многу народ. Двајцата кондуктери не можеа да се снајдат сами со толку многу луѓе. Пред да влезат господата во резервираното купе, мораа да го исчистат од претходните господа. Најдоа многу ѓубре и мал цевчест инструмент кој лежеше простум на едно од седиштата. Низ отворениот прозорец чистачката се обидуваше да ја истера прашината и смрдеата. Го дофати цевчето ишарано со црвени цветови и инстинктивно дувна низ него низ прозорецот. Возот почна да се движи. Господата од купето не успеале да се качат во возот. Какво олеснување.